Oпштина Центар објави Јавен повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасади на колективни станбени згради. Реконструкцијата на фасади опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна) фасадна обвивка, односно фасаден систем, на постојни станбени згради на територија на Општина Центар.
Јавниот повик ќе се реализира со селекција кoja ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ и предуслов за добивање финансиски средства покрај останатата документација да се обезбеди и правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада во согласност со законските прописи. Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување, но не повеќе од 1.000.000,00 денари за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинство сопственици на посебни делови од станбената зграда апликантот.
Право на учество на Јавниот повик имаат заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради чија зграда е постара од 25 години; сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбената зграда; сами да ги заменат прозорците и надворешните врати од заедничките простории и др. Предмет на разгледување нема да бидат објекти кај кои веќе е извршена реконструкција на фасадата пред објавувањето на овој Јавен повик. Барањата за реконструкција на фасадата на станбената зграда се однесуваат на постојниот објект како целина (не поединечни влезови) преку поставување термоизолациона фасада на станбената зграда. Барањата што се однесуваат на делумна реконструкција нема да бидат земени предвид.
Општина Центар напоменува дека со објавувањето на овој Јавен повик се става вон сила Јавниот повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасади на колективни станбени згради бр. 09-1752/1 од 2.4.2018 година и обврските произлезени од него.
Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на образец што може да го подигнат на пријавницата во Архивата на Општина Центар во Барака 6, или на интернет страницата на општината https://www.centar.gov.mk/?p=17532.