Денеска на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија ќе се одржи централната свеченост за одбележување на Денот на АРМ. На свеченоста свои обраќања ќе имаат претседателот на државата и врховен командант Ѓорге Иванов и Министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, по повод Денот на АРМ, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при АРМ.
Вчера по повод 18 Август на градските гробишта „Бутел“, армиски и државни делегации положија венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и на партизанските гробишта.
Синоќа, со почесна артилериска стрелба, со 10 плотуни од артилериски орудија во касарната „Илинден“, беше најавено одбележувањето на 18 Август, Денот на АРМ.
Инаку, оваа година Денот на Армијата се одбележува симболично поради поплавите кои на 6 август го погодија Скопје и околината.