На третиот национален форум за здравство „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: кон трансформација на здравствениот систем“, беа претставени наодите од повеќе научни истражувања за пристапност до здравствените услуги во нашата држава и се разгледуваа начините за подобрување на здравствениот систем во целина.
Д-р Фатмир Меџити, Министер за здравство на РС Македонија и д-р Ане Јохансен, специјална претставничка на Светската здравствена организација и шефица на канцеларијата во Скопје, се осврнаа на улогите на националните здравствени институции и на Светската здравствена организација (СЗО).
Свесни дека пристапот до здравствени услуги и натаму е значаен предизвик за многу граѓани на Северна Македонија, претставниците на Министерството за здравство, СЗО и Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во РС Македонија ги организираа засегнатите страни од здравствениот и другите сектори за да се утврдат стратегии за подобар пристап на граѓаните до здравствените услуги, без оглед на условите во кои се родени, растат, работат и живеат.
СЗО го поддржува Министерството за здравство во трансформацијата на здравствениот систем преку иницијативата „Градење државни капацитети: јакнење на доброто владеење и управувачките функции на Министерството за здравство”. Министерот Меџити информираше за стратешките насоки за справување со клучните предизвици на здравствениот систем.
На третиот национален форум за здравство беа презентирани корисни информации од помош за процесот на зајакнување на здравствениот систем и подобрувањето на пристапот до здравствени услуги, како и за конректните начини на кои клучните засегнати страни во здравствениот сектор можат поефикасно и поефективно меѓусебно да соработуваат на национално ниво.
На панел дискусијата, којашто ја модерираше доктор Фабио Скано, преставник на Светската здравствена организација за Западен Балкан, панелистите детално ги образложија постапките кои се преземаат за трансформација на здравствениот систем, како и промените што ќе придонесат кон негово подобрување, а стана збор и за состојбата со образованието, обуката и задржувањето на персоналот во македонскиот здравствен сектор.
Заклучокот на министерот за здравство и на претставничката на Светската здравствена организација беше дека само со заедничка и усогласена акција на сите општествени чинители, може да се остварат визиите за уште подобар, функционален и правичен здравствен систем во Република Северна Македонија.