Македонски павилјони на сцената на Прашкото квадриенале 2023

Сподели

 

Добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор Филип Јовановски и Ивана Васева, годинава се кураторски тим на изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на РС Македонија на Квадриеналето, кое ќе се одржува од 8 до 18 јуни 2023 година во Прага, Чешка.

Преку делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, во заедничката изложба „Градот како сцена“, овој проект го користи градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни. Во Студентскиот павилјон, пак, раководен од Кристина Леловац и Филип Јовановски, учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска.

„Претставувањето на РСМ во Прага собра голем тим учесници/чки и особено сум среќен и благодарен на довербата што тимот ја вложи во изминативе шест месеци во овој активен и комплексен процес. Добивањето на главната награда ’Златната трига‘ на минатото издание во 2019 година, беше и сè уште е мотив за нас како тим да се обидеме градот како ресурс (капитал) да го распределиме и да го споделиме со пошироката уметничка заедница, и тоа преку Национален павилјон и за првпат Студентски павилјон на оваа голема манифестација“, вели Филип Јовановски, еден од кураторите на Националниот павилјон.

Прашкото квадриенале е основано во 1967 со цел да го донесе на едно место најдоброто од перформансот, сценографијата и театарската архитектура, а годинава го има своето петнаесетто издание. Македонскиот национален павилјон и Студентскиот павилјон ги организира Здружението за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во партнерство со Младинскиот културен центар, Меѓународниот театарски фестивал – МОТ, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет од Скопје.

Националниот павилјон на „ПК 2023“ се организира со поддршка од Министерството за култура, Факултетот за драмски уметности – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“, финансиран од Европската Унија.