И официјално: Наместо менување, на регистарските таблички ќе се става налепница „НМК“

Сподели

 

На сите регистарски таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како вертикално поставената ознака „МК“, на која е испишана националната ознака „НМК“.

Ова е новиот член на изменетиот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на регистерските и на пробните таблици на возилата, кој го подготви МВР, а на 5 јуни е објавен во Службен весник број 114.

Дополнително ќе се утврди цената на чинењето на новите налепници, а неофицијално тие ќе може да се набавуваат во станиците за технички преглед во државата. Инаку, обврската за замена на сите регистерски таблички кои не ја содржат ознаката на НМК е најдоцна до 12 февруари 2024 година.

-На сите регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“, во делот пред регистрационото подрачје се става налепницата на која е испишана националната ознака „НМК“. Налепницата е изработена од рефлектирачка фолија која е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија. Формата и големината на налепницата се прикажани со слика во прилогот кој е дел од новиот Правилник – пишува во објавата.