Пендаровски-Мусар: Словенија е наш важен партнер при имплементација на европските реформи

Сподели

 

Во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар на РС Македонија, претседателите Пендаровски и Пирц Мусар одржаа заедничка прес-конференција.

 

 

 

“Чест и задоволство ми е што денес сум домаќин на претседателката на Република Словенија, со која меѓусебните односи се базирани на традиционално пријателство и долгогодишна соработка и поддршка и на политички и на економски план.

Она што посебно радува е интензивниот политички дијалог на високо ниво меѓу двете држави што е потврда за меѓусебната почит и разбирање, онака како што и доликува на две европски држави. Очекувам дека со претседателката Пирц Мусар ќе ја продолжиме таа традиција и ќе имаме успешна соработка.

Република Словенија е наш важен партнер при имплементација на европските реформи со години наназад. Од словенечката претседателка добив уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и дека со експертска и со политичка поддршка Словенија ќе остане да биде промотор на македонската европска интеграција.

Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Словенија за таа поддршка, како и за поддршката што ја дава за членство на земјите од целиот регион на Западниот Балкан, кој е стратешки приоритет во словенечката надворешно-политичка агенда. Во овој контекст разговаравме и за претстојниот самит на шефови на држави кои се дел од процесот Брдо-Бриони, a, кој треба да се одржи кај нас во првата половина од септември оваа година.

Со претседателката констатиравме дека соработката меѓу нашите две армии и во рамките на НАТО сојузот и билатерално е од исклучително значење, при што разменивме мислења и информации за безбедносните предизвици во регионот и на континентот, наметнати од руската војна против Украина.

Во однос на економската соработка Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години. Минатата 2022 година вкупната трговска размена изнесуваше над 280 милиони евра, со раст од над 40 милиони евра, споредбено со 2021-та. Економската соработка постојано расте, но, со цел да ја зголемиме стоковната размена на половина милијарда евра годишно, се согласивме дека треба да се продлабочи економската соработка и во областа на услугите и странските директни инвестиции, а, за тоа ни помага фактот дека меѓу македонските и словенечките компании постои долга традиција на соработка и веќе етаблирани искуства и мрежа на контакти.

На крајот, дозволете ми посебно да ја издвојам билатералната соработка во областа на образованието, науката и уметноста. Словенија е една од земјите во рамки на Европската Унија што многу наши млади ја избираат за школување и кариерен развој, а со тоа се продлабочуваат и зајакнуваат врските и меѓу нашите граѓани. Исто така, нашите односи ги збогатуваат и професорите и уметниците кои ги изучуваат и предаваат нашите јазици и остваруваат интензивна научна и културна размена” – изјави претседателот Пендаровски.