Се промовираше платформата „Чаир одлучува“

Сподели
 
 Чаир одлучува“, е името на платформата што беше промовирана денеска и која има за цел да биде мост меѓу граѓаните и општина Чаир, нудејќи можност преку дебати, идеи и предлог проекти, граѓаните да станат дел од одлучувањето.

Онлајн платформата „Чаир одлучува“ е заеднички производ на Здружението за унапредување на демократијата – Democracy Lab и општина Чаир, со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, при промоцијата на платформата истакна дека за општината што ја води тој е особена чест да се биде дел од ваков проект.

„За нашата општина претставува особена чест што денеска ја промовираме Платформата за граѓанско учество Чаир одлучува, која има за цел да ја зајакне врската и соработката помеѓу општината и граѓаните, бидејќи граѓаните биле и продолжуваат да бидат вистински партнер во развојот на нашата општина. И токму оваа Платформа ќе се реализира со тоа што ќе им се даде можност на граѓаните да дадат свои идеи и предлози за решавање на урбаните и јавните проблеми“, рече Ганиу.
 „Чаир одлучува“ се базирана врз идејата дека граѓаните се тие кои најдобро знаат каква општина сакаат да имаат, како размислуваат за зелените јавни рекреативни површини, каде и како ќе го поминуваат своето време, кон што гледаат како најголем проблем, како истиот може да се решава.

„Значи граѓаните ќе имаат глас не само за тоа што недостасува во нивната општина, за она што не е правилно, туку глас и учество во решавањето на тие проблеми, со идеи кои ќе произлезат од самите нив. Оваа платформа ќе овозможи и ќе го зголеми легитимитетот на институциите, ставајќи ги на прво место граѓаните и нивните барања и идеи, како и зајакнување и продлабочување на демократијата во земјата. Демократијата како вредност и како подобар систем на владеење што Северна Македонија се стреми да го има“, рече Ганиу.

Тој потсети дека бидејќи живееме во време на технологија и иновации, „Чаир одлучува“ е платформа која ќе го промени начинот на комуникација од традиционален и бирократски во брз, директен и иновативен.

„Можеби граѓаните ќе можат многу подобро да се запознаваат со општинските сектори за да знаат каде се адресираат проблемите, од каде се решенијата за тие проблеми и слично“, рече првиот човек на Чаир.

Платформата „Чаир одлучува“ заеднички ја промовираа градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, Аугуста Филбин, заменик-шеф на Секторот за односи со јавноста на Амбасадата на САД, Сефер Селими, извршен директор на Democracy Lab, претставници на јавната администрација и граѓани на Чаир.