Изложба „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска во КИЦ на РСМ во Софија

Сподели

 

Во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, Бугарија денеска (18 јули) во 18:30 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури со наслов „Внатрешен сјај“ на Александра Богоеска.

−Во творештвото Александра силно ја истакнува внатрешната поврзаност со природата како и чувството на силна емоција. Иако во нејзината уметност станува збор претежно за пластика во мали димензии, Александра доста умешно преку истите успева да ја презентира својата идеја за скулптура. Секое нејзино дело во својот концепт содржи јасна поврзаност и нераскинливост помеѓу машката и женската животна енергија. Таа  скулптурата ја користи како неограничен простор за изразување на нејзината уникатност и индивидуалност. Слободно можам да кажам дека е уметник кој сака да експериментира преку своите дела и доста вешто го доловува опишаното погоре токму преку приказот на личните чувства во различни тематски содржини−вели за изложбата, Јана Јанеска -Ристески, историчар на уметност.

Александра Богоеска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на отсекот вајарство – конзервација и реставрација. Има реализирано самостојни изложби и групни изложби, а учествувала на многубројни вајарски и сликарски колонии во земјава и надвор од неа.