Петровска положи венец со свежо цвеќе за загинатите кај Карпалак

Сподели

 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на спомен плочата кај Карпалак ја предводеше делегацијата од Министерството која положи венец со свежо цвеќе во спомен на десетмината бранители, припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.

 

 

Во оваа пригода, министерката Петровска истакна дека десетмината херои на македонската Армија несебично се одзваа на повикот на татковината и затоа никогаш нема да бидат заборавени. На семејствата на загинатите им порача дека нивните синови ќе бидат запаметени вечно како херои кои за татковината го дадоа најскапоценото – нивниот живот.

На прашање за изградба на спомен обележје, министерката информираше дека уште денеска Министерството ќе испрати барање до општина Желино за подигнување на спомен обележје за загинатите бранители кај Карпалак.

„Овие луѓе го дадоа најскапоценото, својот живот, за нашата татковина и како министерка за одбрана сметам дека заслужуваат достојно спомен обележје со кое нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе оддаваме почит. Денеска во текот на денот, во општина Желино, која е надлежна општина, како што направив и за Вејце, ќе испратам барање да биде дозволено тука да се изгради достоен споменик, а се разбира Министерството е подготвено тоа да го реализира“, рече министерката.

Кај Карпалак загинаа бранителите Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.