“Фестивал на нем и класичен филм” во Кинотека

Сподели

 

Од 29 август до 4 септември, во летното кино Мирно лето и киното во Кинотеката, ќе се одржи третото издание на „Фестивалот на нем и класичен филм“.
 
Фестивалот започнува на 29 август со претфестивалска проекцијата на документарниот филм АДИО ЈУГО ФИЛМ, АДИО ЈУГО ФЕСТИВАЛ, АДИО ЈУГОСЛАВИЈА…СЕ ГЛЕДАМЕ ВО СЛЕДНАТА ВОЈНА, на култниот актер и режисер Игор Гало. Истиот ќе одржи и мастерклас посветен на неговото творештво, но ќе зборува и за темата на неговиот филм – историјата на филмскиот фестивал во Пула.
 
Фестивалот официјално се отвора на 30 август, со проекција на немиот филм КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА од 1928 година. КАЛАБАКА претставува еден вид кинематографски извештај за една експедиција на Балканот. Германската филмска компанија „Хегевалд“ го испраќа патувачкиот репортер Фред фон Болен-Хегевалд, да замине од Австрија кон југот на Европа па сè до Багдад во специјален „репортерски“ автомобил. Тој минува низ повеќе повеќе места – Мостар, Скопје – каде ги посетува Дервишите, Солун и комплексот манастири Метеори во близина на градот Каламбака. Филмската проекција на овој извонреден нем филм ќе биде надополнета со оригинална музичка изведба во живо на Добрила и Доријан дуо.
 
Проекцијата на филмот КАЛАБАКА: ТАЈНИТЕ НА НЕПОЗНАТАТА ЕВРОПА е во соработка со EYE Filmmuseum од Амстердам, а како дел од таа соработка публиката исто така ќе може да го погледне и филмот БРИЛИЈАНТНИОТ БИОГРАФ: НАЈРАНИТЕ ПОДВИЖНИ СЛИКИ НА ЕВРОПА (1897 – 1902) – компилација на филмови од најголемата зачувана збирка на „Мутоскоп и Биограф“во светот.
 
Гостин на фестивалот е Елиф Ронген-Кајнакчи, куратор на неми филмови во Eye Filmmuseum oд Амстердам, која ќе одржи две работилници посветени на идентификација на неми филмови и промоција на платформата за музички партитури за неми филмови – Eye Film Playe.
 
Покрај овие проекции, во соработка со ГЕТЕ-институт, во рамки на фестивалот ќе се прикаже и циклус филмови од германскиот режисер Волкер Шлондорф, потоа три циклуси на филмови во соработка со Хрватскиот филмски архив – циклус хрватски анимирани филмови од „Загреб филм“, циклус документарни и кратки играни хрватски филмови како и циклус неми филмови на хрвaтскиот филмски пионер Октавијан Милетиќ.
 
Покрај овие циклуси, на фестивалот ќе бидат прикажани неми и класични филмови од архивот на кинотеката. Музичката придружба на немите филмови ќе ја изведува македонскиот џез пијанист, аранжер и композитор Гордан Спасовски.
 
Фестивалот се затвора на 4 септември со проекција на ново дигитализираниот филм МЕМЕНТО од 1968 година во режија на Димитрие Османли.
 
„Фестивалот на нем и класичен филм“ е во организација на здружението Кино Балкан Скопје, во партнерство со Кинотеката на РС. Македонија, а е поддржан од Мнистерството за култура на Република С. Македонија. Партнери и поддржувачи на фестивалот се Гете-институт од Скопје, Германската амбасада во Скопје, Хрватскиот филмски архив, EYE Filmmuseum од Амстердам и Europa cinemas.