Стефан Костоски добитник на наградата „Енхалон“

Сподели

 

Дваесетина поети од земјава и од странство вчеравечер учествуваа на поетското читање во Музејот на современата уметност во Скопје, со што и официјално заврши 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Настанот наречен „Меѓународен поетски митинг“ го проследија повеќе љубители на пишаниот збор.

Фестивалот, кој траеше од 24 до 28 август, свечено беше затворен завчера вечерта на Мостот на поезијата во Струга каде што беа доделени и наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.

Награди им беа врачени на годинашниот лауреат и добитник на „Златен венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ, на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржуваше под мотото „Чувствотворен јазик“, настапија над 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамките на програмата, во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот „100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов“, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамките на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамките на програмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски.

Песната „Денување“ на македонскиот автор Стефан Костоски, пак, ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.