Османи положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута

Сподели

 

Во рамки на официјалната посета на Индија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута, изразувајќи најдлабока почит и гордост дека најисклучителната жена во светот – Светицата на целиот свет доаѓа токму од нашата земја.

 

 

Воедно Министерот реализираше посета на Црквата каде што Светицата го помина најголемиот дел од животот а кој патем не беше само нејзин дом, туку и дом на многу беспомошни и помалку привилегирани.

“Сведочејќи како изгледал нејзиниот живот, скромноста на една толку голема личност не остава никого индифирентен и без чувство на одговорност кон нејзиното наследство и мисија – да се помогне на најранливите и да се нахранат и најсиромашните, но не само со леб, како што знаеше таа да каже, туку и со љубов и почит” рече Османи на средба со сестрите на милосрдието, кои ја продолжуваат мисијата на Светата Тереза.

 

 

“Од нејзиниот живот е очигледно дека Мајка Тереза се придржувала до екстремна флексибилност и приспособливост во однос на различните култури и етнички групи, карактеристики кои сум сигурен дека биле длабоко врежани во неа и во начинот на кој била воспитувана уште од најрана возраст од нејзиното семејство во Скопје. Овој концепт ги надмина и продолжува да ги премостува бариерите на религијата и етничката припадност и ги нагласува идеите за толеранција и хармонија во однос на сите различности” се изрази Министерот, истакнувајќи дека од делата на Мајка Тереза извираат историјата, културата и вредностите на кои треба постојано да се потсетуваме – почит и толеранција.

 

 

На агендата на Османи во Калкута, се и средбите со градоначалникот на Калкута, Фирхад Хаким, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав.