24 часовен МВР Билтен

Сподели

 

На 02.10.2023 од страна на Одделението за недозволена трговија Велес лишени се од слобода пет лица, М.Ж.(31), К.Д.(21), Ј.М.(20) и В.М.(39) и еден малолетник, сите од Велес. По преземени мерки и активности, при извршени прегледи кај малолетникот и кај М.Ж., кои претходно, независно еден од друг, биле во домот на Ј.М., пронајдени се и одземени три пакувања со марихуана и пари во разни апоени, по што биле приведени, а нешто подоцна и К.Д., кој претходно бил во домот на Ј.М., бил запрен од полициски службеници, при што се обидел да избега, фрлајќи пакување со марихуана. Но, и тој набрзо бил фатен и приведен, а дрогата била пронајдена и одземена. Околу 21.00 часот по наредба на Основен суд Велес извршен е претрес кај Ј.М., при што биле пронајдени марихуана, семки од растението канабис сатива, ќесички за пакување на дрогата и пари во поголем износ. Ј.М. бил приведен, а при претресот, В.М. ги попречувала полициските службеници да вршат службени дејства, по што и таа била лишена од слобода. Во координација со јавен обвинител, против сите пет лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 02.10.2023 во 15.50 часот полициски службеници од Оперативен тим потраги во с.Удово, валандовско, го лишија од слобода А.Н.(26) од Скопје. За него била распишана потерница, по наредба на Основен кривичен суд – Скопје, за издржување казна затвор од една година и шест месеци, а во врска со член 235 од Кривичниот законик. Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено-поправна установа за издржување на затворската казна.

 

На (03.10.2023) полициски службеници од СВР Битола, Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Прилеп, го лишиле од слобода Д.П.(32) од Прилеп. При претрес во неговиот дом на бул. „Гоце Делчев“ во Прилеп, извршен по претходно добиена судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Д.П. е приведен во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 01.10.2023 на подрачјето на Центар полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар ги лишија од слобода А.Т.(20), С.Ѓ.(20) и А.С.(19) сите од Скопје. Имено, по добиена пријава дека на 12.08.2023 во 01.10 часот на подрачје на Центар со употреба на сила се обиделе да одземат предмети од Ѓ.С. од Скопје, биле преземени мерки и активности од полициските службеници и за осомничените сторители на кривичното дело била распишана потерница. Во координација со Јавен обвинител, лицата се задржани во Полициска станица Бит Пазар и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена пријава, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело обид за „разбојништво“, казниво по чл.237 во врска со чл.19 од Кривичниот законик.

Денеска (03.10.2023) во 04.30 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.Б.(34) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и таблети. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

 

Полициски службеници на СВР Тетово на 02.10.2023 околу 23.55 часот во тетовско Oдри ги лишиле од слобода  Р.Р.(73) од Тетово и А.А.(19) од тетовски Лисец, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана, која A.A. се обидел да ја фрли. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот по што ќе следува поднесок.

 

На 02.10.2023 во 21.20 часот во Парк-шума Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Џ.С.(19) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

 

На 02.10.2023 во 21.00 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Р.(18) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

 

На 02.10.2023 во 16.10 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, на излез од државата, при извршена пасошка контрола на Е.Г.(29) од Р.Турција, било констатирано дека го пречекорил дозволениот престој. Тој бил приведен и предаден на полициски службеници за понатамошна постапка.

 

Во текот на вчерашниот ден (02.10.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 221 возач. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 117 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 104 надвор од населено место.

 

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (02.10.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 196 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 38  санкции, 9 мерки за возење без возачка дозвола, по две санкции за управување возило под дејство на алкохол и за минување на затворен сигнал – црвено светло, 8 мерки за некористење на сигурносен појас, 7 санкционирани мотоциклисти…

 

На 02.10.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 28 прекршоци, од кои 19 во населено место и 9 надвор од населено место. Санкционирани биле и 26 други видови на прекршоци, од кои 4 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 1 за нерегистрирано возило, 7 за возач почетник, 2 за управување возило под дејство на алкохол, 3 за некористење на сигурносен појас, 2 за користење мобилен телефон  и 6 за непрописно паркирање.

 

На 02.10.2023 во 13.00 часот било пријавено дека на автопат Скопје-Тетово, пред клучка Кондово, патничко возило „шевролет“ со скопски регистарски ознаки,   управувано од Н.Џ.(33) од с.Буковиќ, скопско, удрило во велосипед управуван од С.В.(40) од Скопје. Во несреќата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Со телесни повреди се здобила Н.Џ., нејзината сопатничка А.Џ.(28) и уште тројца малолетници од возилото, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

 

На 02.10.2023 во 22.00 часот во Полициската станица Чаир Б.С.(53) од Скопје, пријавил дека на ул.„Качанички пат“ бил каснат од куче скитник.

 

На 02.10.2023 во 21.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат Пирок-Тетово, кај с.Долно Палчиште, тетовско, патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки кое, според првичните сознанија од увидот, било управувано од М.З.(18) од с.Синичане, тетовско, излетало од коловозот и удрило во столб. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал М.З, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, додека сопатникот А.З.(23) од истото село се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 02.10.2023 во 19.50 часот во Полициската станица Гази Баба, Ф.Х.(46) од Скопје пријавила дека во парк-шума Гази Баба била касната од куче скитник.

 

На 02.10.2023 во 14.00 часот било пријавено дека на крстосницата на улиците „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Тодор Циповски-Мерџан“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.А.(75) од сВејце, тетовско, удрило во пешакот З.И.(79) од Тетово. Во несреќата пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Тетово. На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Тетово.

                                                 

На 02.10.2023 во 20.05 часот во Полициската станица Карпош, А.С.(39) од Скопје пријавил дека на ул.„Франц Розман“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

 

На 02.10.2023 во СВР Битола, М.Ј.(62) од Битола пријави дека на ул.„Васко Карангелевски“, на влезот од новиот пазар, била касната од куче скитник.