Собранието во рамки на 125. пленарна седница, донесе измени и дополнувања на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и на Законот за личната карта.
Новините предвидени со Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и со Законот за личната карта се од посебно значење за граѓаните кои се засегнати со овие проблеми, а за кои Комисијата за политички систем организираше и надзорна расправа во февруари годинава, кога беа донесени заклучоци со кои Собранието на Република Северна Македонија ја има надзорната улога за имплементацијата на Законот за матичната евиденција.
Со тоа се пројави потреба и за интервенција во одредени одредби во законите за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и за личната карта за да се заокружи процесот на решавање на проблемот со бездржавјанството, така што ќе се стави крај на бездржавјанството во Република Северна Македонија и ќе се решат основните човекови права на околу 700 лица, колку што беа детектирани во нашата држава.
На овој начин, овие неевидентирани лица – т.н. фантоми сега ќе можат да ги оставрат своите основни човекови права, со што Северна Македонија ќе биде прва во Европа и во светото која го има решено статусот на бездржавјанството. Освен тоа, донесените интервенции во посочените закони се гаранција дека во земјава нема да се повтори ситуација со лица без државјанство, затоа што системски е решено секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија да биде запишано согласно членот 4а од Законот за матична евиденција.