“Оној кој не го познава своето минато, не може да биде успешен во сегашноста и во иднината! Сите треба да учиме од минатото”. Со овие зборови, на починатиот шеик, Зајед бин Султан Ал Нахјан, таткото на Обединетите Арапски Емирати, се отвори 19-от Конгрес на Меѓународниот архивски совет, кој се одржува од 9-ти до 13-ти октомври во Абу Даби.
Конгресот со мото “Enriching Knowledge Societies” (Збогатување на општествата со знаење), има пет теми:
1. Мир и толеранција; 2. Технологии во подем; 3. Одржливо знаење – одржлива планета: Архиви, документи и климатските промени; 4. Доверба и докази и 5. Достапност и сеќавања.
На Конгресот, што се одржува на четири години, учествуваат околу 5.000 архивски експерти од 135 држави, меѓу кои и од Северна Македонија, која е полноправна земја-членка на оваа најмасовна и најзначајна светска архивска организација, која постои од 1948 година. Во рамките на Конгресот се одржуваат и работилници на кои, исто така, се разменуваат искуства и идеи за севкупно подобрување на професионалното архивско работење.
На отворањето на Конгресот зборуваа и поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд и претседателката на Меѓународниот архивски совет и директорка на Националниот архив на Луксембург, Жозе Кирпс, кои акцентот го ставија врз суштината на Архивите, врз значењето на историските документи за нашата иднина и влијанието на климатските промени врз нив. Поточно, за одржливоста на Архивите и на нашата планета Земја.
На покана на Меѓународниот архивски совет и на Националната библиотека и Архив на Абу Даби, на овој Конгрес Државниот архив го претставуваат, директорот д-р Емил Крстески, како делегат во Собранието на Конгресот и Светлана Успрцова, раководител на Сектор, кои остваруваат и повеќе билатерални работни средби со свои колеги од Европа и светот.