Во експлозија од ракета во болница во градот Газа загинале повеќе стотини Палестинци. Палестинските здравствени власти за тоа го обвинуваат Израел, додека Израел тврди дека причина за експлозијата била погрешно водена ракета од страна на палестинските милитанти.
Израелската војска соопшти дека немала никаква вмешаност во експлозијата и дека таа била предизвикана од погрешно испукана палестинска ракета. Израелската војска соопшти дека палестинските милитанти истрелале низа ракети во близина на болницата токму во тоа време.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика светот обединето да застане зад неговата земја за да го порази Хамас, кој го обвини дека ги користи граѓаните како жив штит.
„Целиот свет треба да знае: варварските терористи во Газа ја нападнаа болницата во Газа, а не израелските одбранбени сили. Оние кои брутално ги убиваа нашите деца, ги убиваат и сопствените деца“, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа X.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен силно го осуди синоќешниот напад на болницата „Ал-Ахли Араб“ во Газа, во кој загинаа стотици луѓе, нагласувајќи дека нема оправдување за напад на болница полна со цивили.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во војната меѓу Израел и милитантната палестинска група Хамас.
„Повикувам на итен хуманитарен прекин на огнот, за да се олесни човечкото страдање на кое сме сведоци“, рече Гутереш.