Добро подготвен кадар ништо не може да го изненади и за него, фразата дека теоријата во пракса изгледа малку поинаку, не важи. Тоа се учениците и студентите кои имале квалитетен образовен процес во кој било посветено подеднакво внимание како на меморирањето применливи теоретски знаења, така и на стекнувањето практични вештини. Во тој контекст, задоволство ми е што сè повеќе, образовните установи во државата воспоставуваат добри релации со компаниите, кои стануваат учесници во воспитно – образовниот процес, јакнејќи ја токму компонентата – практична обука. Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу кој на Земјоделскиот факултет во Штип присуствуваше на доделувањето сертификати за завршена стручно – дидактичка обука на ментори од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од компании со кои универзитетот соработува, за реализација на практична настава.
„Верувам дека универзитетот заедно со компаниите од градот и регионот, во иднина ќе им овозможува уште подобра практична обука на своите студенти. Имате сертифицирани програми за практична настава и ментори кои знаат како да ги спроведуваат. На студентите им преостанува само да бидат редовни на часовите кои ќе се одвиваат тука во предавалните и директно на работните места, да бидат внимателни и фокусирани. Само така ќе ги постигнат очекуваните резултати од учењето“, рече Нухиу.
Тој се заблагодари на Владата на Швајцарија која ја поддржа обуката на менторите, а како што рече, години наназад преку амбасадата во Скопје, го поддржува развојот на нашиот национален образовен систем од сите аспекти, особено во делот на практичната обука на учениците и студентите.
„Со поддршка од Швајцарија го развиваме, прошируваме и промовираме концептот на дуално образование во средните стручни училишта, каде фокусот е повеќе насочен кон практичната настава која се одвива во компании. Овој концепт го споменав, затоа што искрено се надевам дека ќе се прошири, ќе биде отсликан и во високото образование и ќе овозможи еден континуитет на квалитетната практична едукација која сега им се овозможува на средношколците, доколку одлучат академски да се надградуваат“ додаде Нухиу.
Заменик министерот им честиташе на сите кои добија сертификати за да бидат ментори за реализација на практична настава и им посака успех и голем придонес во градењето на нови квалитетни академски генерации.