Инсталирана фотоволтаична централа во ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Илинден

Сподели

 

На покривната конструкција на ООУ „Гоце Делчев“ во општина Илинден поставена е  фотоволтаична централа со вкупна инсталирана моќност од 15 kW (киловати) проектирана согласно годишната потрошувачка на електрична енергија на училиштето, која е донација од компанијата ОКТА АД – Скопје.

 

 

Градоначалникот на Општина Илинден, м-р Александар Георгиевски изјави дека Компанијата ОКТА повторно докажа дека е општествено одговорен член на заедницата, но и добар сосед кој се грижи за реалните потреби на своите сограѓани. Со оваа донација се овозможува континуирана заштеда на средства за општината и намалување на трошоците на училиштето, а се ослободуваат средства за понатамошно подобрување на образовниот и воспитниот процес, од кој крајниот бенефит ќе го имаат децата и нивните родители. Благодарни сме за оваа донација на ОКТА која што треба да биде пример за тоа што значи да се биде одговорен кон средината во која што живееме и работиме.

„Со оваа, трета по ред донација на фотоволтаична централа наменета за образовна институција, ОКТА ја истакнува својата стратешка определба кон обновливите извори на енергија. Преку реализација на оваа активност компанијата го заокружува годинешниот план за поддршка на образовните установи во земјава и нивно обезбедување со обновлива енергија, што ќе придонесе за нивна поголема енергетска независност и значителна заштеда на средства. Дополнително донацијата ќе претставува можност за учениците да се стекнат со директни знаења за придобивките од употребата на чиста енергија, одржлив развој и заштита на животната средина“ – изјави д-р Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА.

Фотоволтаичната централа на ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден, предвидено е годишно да произведува и до 21,5 MWh/годишно, што ќе покрие значаен дел од потребите на оваа установа за електрична енергија.