На Европскиот ден на правдата, 25 октомври, кој го одбележува стремежот за подобар пристап до правда за граѓаните, потенцираме дека судиите, освен според законите, треба да работат согласно високите етички и морални вредности кои се вградени во функцијата што ја извршуваат. Судиите во своето работење треба да го почитуваат Уставот, законите и меѓународните стандарди и принципи, а притоа главен приоритет треба да биде заштитата на јавниот интерес и интерсот на граѓаните, пред приватните и бизнис интереси на одредени поединци во нашето општество. Кога довербата во правосудството е на најниско можно ниво, судиите треба да се одважат и со своето постапување да придонесат за враќање на довербата.
Судијката Јованка Спировска Панева вчера јавно ја објави пресудата со која утврди одговорност за клевета на ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска во случајот кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев го поведе против ИРЛ .
Судијката на вчерашното јавно објавување на пресуда изјави дека морала да го заштити приватниот интерес и дека приватното право на бизнисменот Анѓушев е поважно од слободата на изразување. Слободата на изразување и информирање како неприкосновена демократска вредност и една од основните права и слободи на граѓанинот е заштитена согласно со Уставот на Република Северна Македонија, па оттука со ваквата пресуда и со нејзиното образложение, судијката постапи целосно спротивно на Уставот и законите, но и спротивно на начелата на непристрасност, интегритет, пристојност и стандардите за етичко однесување на судиите кои се очекуваат од носителите на судската функција. На ваков начин дополнително се зголемува недовербата во судството, а ваквото однесување спротивно на сите стандарди, тоа е срам за судската фела и дигнитетот на правосудството, кое е двигател на правичното функционирање на секое општество.
Со оваа пресуда против новинари всушност се испраќа порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, неправдата и заедничките добра, а дополнително дека демократијата и владеењето на правото треба да отстапат пред формализмот на правната држава. Правото мора да и’ служи на правдата.