На Саемот на книгата во Истанбул претставени дела преведени од турски на македонски и на албански јазик

Сподели

 

На Меѓународниот саем на книгата во Истанбул беа претставени дела преведени од турски на македонски и на албански јазик. Организатор на штандот на Министерството за култура на Северна Македонија беше издавачката куќа „Шкупи“ и нејзиниот директор Азам Даути. Саемот се одржува од 25 октомври до 5 ноември.

Како што соопштија организаторите, делата што кај повеќе издавачи се преведени од турски на македонски јазик ги презентираше Ненад Баткоски, главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“, а за преводите од турски на албански јазик зборуваше проф. д-р Али Пајазити, кој ги претстави делата објавени од издавачките куќи „Логос А“ и „Шкупи“. Од името на организаторот, промоцијата ја водеше Сабит Шабани.

Рамадан Рамадани, директор на Културниот центар на нашата држава во Истанбул, нагласи дека постојано се зголемува соработката на културен план меѓу Северна Македонија и Турција, а особено, како што рече, соработката во објавувањето на дела од турски автори на македонски и на албански јазик.

На претставувањето присуствуваа и Низар Кара, главен координатор за соработка со странски издавачи на проектот ТЕДА (за превод на турската книжевност на странски јазици) од Министерството за култура и туризам на Република Турција, и Мехмед Серт, одговорен за претставувањето на ТЕДА на Саемот на книгата во Истанбул.

Ним им беа врачени плакети во знак на признание и благодарност за развивањето на соработката при објавувањето голем број дела од турската класична и современа литература. Признанијата им ги врачија писателот, проф. д-р Александар Прокопиев, којшто на Саемот ја претставуваше издавачката куќа „Прозарт“ и Аднан Исмаили, директор од „Логос А“.

Промоцијата ја следеше познатата турска телевизија „Тек Румели“, која подготвува посебна емисија за овој настан. На Саемот, во рамките на панел-дискусијата за влијанието на турскиот во македонскиот јазик, ќе зборуваат писателите Дарко Лешоски и Владимир Илиевски.

На Саемот на книгата во Истанбул учествуваат над 800 турски и странски издавачи, а се очекува годинава да се надмине бројката од милион посетители.