Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера гостуваше во дневникот на Сител, каде порача дека Северна Македонија е безбедна земја чии приоритети се зачувувањето на регионалната безбедност и развојот на капацитетите на македонската Армија.
На прашањето дали сме безбедни како што е соопштено по средбата на Советот за безбедност, министерката Петровска истакна дека тој заклучок е извлечен врз база на информациите со кои секојдневно се располага и дека во ситуација која има безбедносни жаришта на неколку локации во светот, потребно е акцент да се стави на постојаната размена на информации за безбедноста на државата.
„Кога имате неколку локации во регионот и пошироко на кои се одвиваат какви било видови на воени дејствија или поместувања многу е важно безбедносно – разузнавачките служби да добиваат навремени и точни информации па вклучително и оние кои ги имаме од наши извори да ги споделуваме со партнерските субјекти“, рече министерката.
За состојбата во Косово, министерката посочи дека она што е потребно е будно да се следат случувањата, како и двете страни подеднакво да работат и да се вложат во надминување на препреките помеѓу нив.
Министерката се осврна и на инвестициите во Армијата при што ја спомена планираната набавка на дронови за потребите на Армијата и на државата, а информираше и за набавката на лесни оклопни возила од САД, системите за против воздушна одбрана од Франција, артилериските системи од Турција, како и текот на набавката на хеликоптери за кои се очекува набрзо да биде донесена конечна одлука.
„Се работи на прецизирање на тоа каков вид на дронови, во колкав обем и во која количина треба да бидат набавени и како тие ќе бидат инкорпорирани во сегашниот систем за одбрана. Меѓутоа во консултација со останатите институции во државата ќе се обидеме тие да имаат и малку поширока употреба и за цивилни цели. До крајот на оваа година очекувам тимот кој е формиран во министерството и во армијата да излезе со конкретен предлог за набавка, на конкретен вид и специфики за дроновите и се разбира тие ќе бидат предмет на набавка во наредниот период“, рече министерката. Додаде дека испораката на лесните оклопни возила ќе продолжи и во 2024 година, а до 2025 и 2026 година се очекува да пристигне опремата која е предмет на договорите со Франција и Турција. Во меѓувреме ќе пристигнат и двата хеликоптери кои се на ремонт во Чешката Република, рече Петровска, а во следниот период тимот задолжен со анализата за набавка на нови хеликоптери ќе реферира за предлогот за набавка.