Во палатата Бронгниарт, во Париз, денеска почнува шестото издание на Парискиот мировен форум, насловено „Барајќи заеднички јазик во свет на ривалство“, на кој учествуваат претставници на меѓународни организации и државни лидери.
Форумот е посветен на најголемите предизвици на денешницата и потрагата по ефективни одговори на најитните предизвици во светот. Во фокусот на дводневниот состанок во Париз е управување со последиците од повеќекратните кризи врз населението, соработка преку конфликти, преиспитување на глобализацијата во поларизиран свет, катализирање на решенијата за климата и животната средина, обезбедување побезбеден и етички дигитален свет и поттикнување на поинклузивни и поправедни општества.
Форумот се отвора со сесијата „Париски пакт за луѓето и планетата“, а обраќање на отворањето ќе има претседателот на Франција Емануел Макрон.
Покрај претставници на меѓународни организации и светски лидери, ќе присуствуваат и претставници на невладини организации и фондации, компании, верски групи, експерти и новинари од целиот свет.
Парискиот мировен форум, инициран од Макрон, се одржува од 2018 година, со цел да ги собере сите актери на глобалното владеење и се заснова на идејата за меѓународна соработка како клучен фактор за соочување со глобалните предизвици и обезбедување траен мир.
На форумот учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
“Работната вечера во Елисејската палата, со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, е одлична можност, во пресрет на Парискиот мировен форум, да ја споделиме определбата за здружено дејствување и ефикасни одговори на актуелните предизвици во светот”, изјави премиерот Ковачевски.