Загрижувачки наоди во Европскиот Извештај за РС Македонија (2023) во делот за фундаментални права

Сподели

 

Извештајот на Европската комисија за РС Македонија, објавен на 8-ми Ноември 2023 година, содржи низа загрижувачки наоди во повеќето поглавја, информираат од Националната Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејно Насилство. Особено важни се наодите и препораките за Поглавје 23 кое се однесува на фундаменталните права.

Имено, во Извештајот, во делот за фундаментални права нотирано е следново:

  • Усвоени се значајни измени на Кривичниот законик во Февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство.
  • Собранието на Р. Северна Македонија треба да направи именувања во независните и регулаторните тела врз основа на заслуги (мерит). Функционалната независноста на телата за човекови права мора да се гарантира во секое време. Ова значи, меѓу другото, издвојување на доволно финансиски средства од Државата за спроведување на вакви активности и програми.
  • Специјализираните услуги за жртви на родово базирано насилство не се во согласност со минималните стандарди на Истанбулската Конвенција. На овие услуги сè уште им треба јакнење и соодветно финансирање за да се исполнат стандардите.
  • Целосното спроведувањето на Истанбулската конвенција останува предизвик. Иако Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство беше донесен во 2021г., сепак дел од подзаконските акти се уште не се донесени. Имплементацијата, исто така, не може да се спроведе поради недостаток на соодветно финансирање, ефективни оперативни процедури и програми за реинтеграција на жртвите на родово базирано и семејно насилство.
  • Жртвите на родово базирано и семејно насилство се соочуваат со повеќе предизвици во пристапот до здравствени услуги поради недостаток на соодветно обучен персонал и ограничени сместувачки капацитети.
  • Постојани родови јазови постојат и во вработувањето и во учеството во работната сила. Кај работоспособното население, 46% од жените постојано се надвор од работната сила во споредба со 23,3% од мажите. Јазовите се уште поголеми за маргинализираните жени.
  • Првиот национален индекс за родова еднаквост, објавен во 2019 г., сè уште не е ажуриран. На релевантните институции им недостасува капацитет и координација потребни за соодветно собирање и анализа на родовите статистики.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство секоја година подготвува и доставува поднесоци за овој извештај. Имено, Мрежата заедно останатите граѓански организации, подготвува и поднесува извештаи до Делегацијата на Европската Унија, како и до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија (DG NEAR). Дополнително, веќе 6 години по ред, тимот на Мрежата има свои претставнички на Неделата на застапување во Брисел, каде директно и детално се споделуваат релевантните случувања во областа на родова еднаквост и родово базирано насилство во Р. Северна Македонија со институциите на Европската Комисија.

Целиот извештај може да се прочита на следниов линк.