„Посебно сме горди што РС Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, и од 2018 година и во континуитет успешно го спроведува проектот Гаранција за млади. Гаранција за млади има за цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Македонија, квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практиканство”, потенцираше заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин во своето обраќање на Младинскиот форум посветен на зајакнување на младинскиот потенцијал на пазарот на трудот.
Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во Гаранцијата за млади. Речиси 40% од учесниците во Гаранција за млади се вработија, стекнаа континуирано образование и обука преку мерки за вработување, или беа вклучени во практиканство, што се смета за позитивен исход. Показателите за последователно следење покажуваат дека околу 40% од оние што добиле понуда биле во позитивна ситуација 18 месеци по напуштањето на системот за обезбедување услуги од Гаранцијата за млади, односно се вработени или се вклучени во некоја обука.
„Пристапот во справување со невработеноста на младите лица на пазарот на трудот, покажа видно подобрување на состојбите со вработувањето на младите”, апострофираше Хусејин.
Во рамките на своето обраќање, заменик министерот за труд се осврна и имплементација на Законот за младински додаток преку кој за секое младо лице до 23 години вработено во дејностите на производството, а по завршување на средното образование да добива додаток во износ од 3.000 денари месечно за полно работно време.
„Ова законско решение наиде на позитивна реакција и кај компаниите и кај младите лица поради поддршка на плата. Започнувајќи со имплементација од 2020 година до денес повеќе од 10.000 млади лица до 23 години го оствариле правото на младински додаток”, рече Хусејин.