Средба Џафери – Желјазков: Позитивен став за взаемни средби

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска оствари средба  со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Росен Желјазков кој што е на работна посета во земјава.  

На самиот почеток, тој изрази големо задоволство од средбата и истакна дека е многу важно позитивниот став за взаемни средби и посети да продолжи и во иднина, затоа што на тој начин се испраќаат пораки за поголема парламентарна соработка, спремност за отворен разговор и внесување на нови, свежи текови во политиката меѓу две соседни земји. Се заложи тонот на комуникација кој не е во линија на потребното ниво да престане, пред сé, заради подобрување на билатералните односи меѓу двете земји, како и заради членството на РС Македонија во Европската унија.

 

 

Тој ја поздрави воспоставената културна соработка меѓу двете водечки музејски установи од областа на археологијата во двете земји, кои преку изложби и проекти го промовираат зачувувањето на културното наследство, како и заедничките европски вредности.

Претседателот Џафери истакна дека припадниците на бугарската заедница во РС Македонија кои се чувствуваат различно од другите заедници во земјата, треба да бидат мост кои ќе ги поврзува двете земји во иднина.

Во однос на процесот на интеграцијата на нашата земја во ЕУ, претседателот Џафери истакна дека во тек е завршување на фазата на скрининг. Потенцираше дека сме во процес на промена на Уставот на земјата и се очекува да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.

Претседателот Желјазков се заблагодари на гостопримството и потврди дека Бугарија го поддржува европскиот пат на РС Македонија, но важно и е да се имплементира Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји и да се направат потребните реформи. Укажа на важноста од превенција на ширење на јазик на омраза и заедничко делување во правец на создавање емпатија меѓу народите, иако е тоа секогаш потешкиот пат, кој сепак мора да се следи во име на благосостојбата на следните генерации. Потенцираше дека вистинските државници мора да размислуваат и дејствуваат во корист на идните генерации во двете земји а не како политичари кои мислат само на следните избори.

Двајцата соговорници се согласија дека економската соработка меѓу двете земји е многу важна, како и инфраструктурното поврзување и интензивирањето на парламентарната соработка со фокус на соработката во однос на европските прашања.