Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, имаше средба со специјалниот претставник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин и со специјалниот пратеник на Република Словенија за Западен Балкан, Анжеј Франгеш.
На состанокот се разговараше за актуелни теми од суштинско значење за перспективите на нашата држава, а беше истакната и улогата на Северна Македонија за стабилноста на Западен Балкан.
Беше изразено очекување дека во претстојниот период, ќе преовладаат зрелоста и одговорноста кон државата и граѓаните, наспроти партиските интереси, и дека политичките претставници, избрани од граѓаните ќе ја реализираат мнозинската волја на народот за членство во ЕУ и можноста пред која е исправена земјата.
Сарацин и Франгеш ја реафирмираа поддршка од Германија и од Словенија на македонските евро-интеграции и повикаа забрзано да продолжи започнатиот европски пат без застој.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната поддршка од Германија и Словенија.
„Ја цениме вашата посветеност на европската интеграција на Северна Македонија. Германија, како најголема земја членка на ЕУ и Словенија, како дел од нашиот регион, водат посветена, одговорна и грижлива улога за иднината на Западен Балкан, што секако има одраз врз перспективите“, рече на средбата премиерот Ковачевски.