Промоција на книги и анимирани филмови според творештвото на Ацо Шопов

Сподели

 

Јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов денeска ќе се одбележи со уште еден голем настан во организација на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“. Под наслов „Ацо Шопов – невообичаено“, настанот ќе започне во 19 часот во Кинотеката во Скопје.

На настанот ќе бидат промовирани три книги инспирирани од творештвото на Шопов, ќе има проекција на анимирани филмови, а ќе бидат поставени и две изложби. Благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен, книгите ќе заживеат на сцената, а за нив ќе разговараат Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Ивановски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова.

Ќе се одржи промоција на книгите: „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски, „Ацо Шопов: Песна над песните – Избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал“ од Јасмина Шопова и „Небиднина – графички омнибус“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски,Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.

Во рамките на настанот, поезијата на овој македонски мајстор на зборот ќе оживее и преку омнибусот „Небиднина“, кој ги содржи анимираните филмови „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“ во режија на: Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов. Публиката, преку гласовите на Никола Ристановски и на сенегалскиот поет и препејувач Дауда Ндиај, но и со шепотот на Маја Трајаноска-Ивановска, повторно ќе може да ги открие овие песни на еден сосема нов начин. Песните може да се прочитаат – преку збор и преку слика – во штотуку објавениот двојазичен графички омнибус „Небиднина – Not-Being“, во издание на „Флип бук букс“.

Во фоајето на Кинотеката, посетителите ќе може да ги видат и изложбите „Патот по кој чекорам“ и „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“. Преку фотографии, уметнички слики, стихови, цитати, ракописи, исечоци од весници, корици од книги и слични материјали отпечатени на банери, ќе може да се зачекори по врвиците на животот и делото на Ацо Шопов, а преку оригинални фотографии на Душан Ѓоргон и да се проследи неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“, како и неговиот влог во популаризацијата на оваа манифестација.