ЌE МУ СЕ СУДИ ЛИ НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ? – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

 

 

По објавувањето на т.н. бомбите на Заев, имаше големи очекувања во јавноста дека режимот на Груевски ќе биде принуден на брзо повлекување и дека самиот тој ќе биде повикан на судска одговорност, поради своето коруптивно и криминално владеење. Една година подоцна, меѓутоа се уште постојат одредени сомненија околу крајната правна разврска на постојната политичка криза: дали СЈО по сите досегашни блокади и атаци на неговата работа од страна на власта, ќе биде во состојба да дојде до звршни истраги и конечно да излезе со конкретни обвиненија против актерите на злосторничкото криминално здружување, во кое челно место заземаат Груевски и неговите најблиски соработници.

Овие стравувања особено дојдоа до израз по барањето на СЈО, заради обемноста на доказниот материјал што треба темелно  да се обработи, да се продолжи неговиот работен мандат, кое што противниците на тимот на Катица Јанева и провладината пропаганда настојуваат да го прикажат како некакво признание, дека тоа не располага со доволно докази и нема правни основи да покрене обвиненија. Истовремено, сето тоа е проследено со дистрибуција на разни гласини дека опозицијата, во интерес на побрзото надминување на политичката криза наводно дала согласност до завршувањето на изборите, СЈО да се воздржи од објавување на своите истражни наоди, со цел да не се влијае на изборниот резултат па дури и дека постоел меѓусебен договор Груевски да биде поштеден од било какви натамошни кривични прогони, доколку по изборите се повлече од политичката сцена, што значи и од лидерската партиска функција.

Карактеристично е дека сите овие шпекулативни прогнози во овој момент се сврзани исклучиво со работите на СЈО, од што во крајна линија зависи не само опстанокот на актуелната власт туку и почетокот на демократските промени во нашата држава. Како што е познато, главна причина за настанокот на македонската политичка криза (подоцна прелеана во уставна и во парламентарна), беа телефонски сведоштва за многубројните злоупотреби и криминали во највисоките ешалони на власта, како што се изборните измами и фалсификати, корупција и државниот грабеж, партиската заробеност на речиси сите државни институции, почнувајќи од полицијата па се до правосудните органи, поради што со интервенција на меѓународната заедница беше формирано СЈО, со задача да ја истражи нивната незаконитост и да поведе соодветни постапки пред судовите за одговорност на престапниците. Според тоа, независно од исходот на претстојните избори, без правичен судски епилог на масовното државно беззаконие не може да стане збор за надминување на кризата, уште помалку за спречување на нејзината идна повторливост.

Од тие причини, од пресудно значење за државата ќе биде како СЈО во постојните околности во кои функционира, изложено на секојдневни беспримерни напади од актуелниот режим, ќе успее да си ја заврши својата работа и дали во тој потфат ќе добие поддршка од судските органи коишто и самите се инволвирани во неговите истраги. Во тој поглед правните експерти се категорични: повеќе нема сила, ниту политичка, ниту правна, која што може да го поништи и оневозможи СЈО да ги извршува своите законски функции. Дури и да дојде до повремени застои и изнудени одлагања на неговите активности, тоа на крајот сепак ќе мора да финишира со конкретни истражни наоди. Бидејќи кривичните дела немаат застареност, било кога и во било кој режим тие ќе мора да бидат активирани и спроведени во соодветна судска постапка. Во конкретниов случај со прислушкуваните телефонски разговори, се работи за стотина мошне тешки кривични дела и педесетина осомничени државни и партиски функционери, кои што и по претпоставка да бидат третирани од политички пристрасни судии, не ќе можат да поминат неказнето и без соодветни пресуди. Тоа се однесува и на бившиот премиер Груевски, кој што според фамозната аболиција на претседателот Иванов, како осомничен фигурира во најмалку осум кривични дела, од кои некои веќе се предмет на истражна постапка од страна на СЈО.

Според тоа, прашање е само на време кога тоа ќе ги заврши неопходните истражни постапки и колку од можните кривични дела ќе добијат судски епилог. Познавачите на кривичнотот право, според досегашните сознанија од предистражната постапка, сметаат дека до крајот на оваа година би требало да се очекуваат првите обвинителски акти од кои ќе може поцелосно да се процени обемот и тежината на кривичните дела со кои ќе се соочат директните и споредни учесници во злосторничката криминална мрежа.