Одобрена е дозволата за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да прелета низ бугарскиот воздушен простор, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Дипломатското овластување за прелет е од привремен карактер и важи 3 часа пред и 72 часа по назначениот датум.
“Врз основа на барање добиено од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30. состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември – 1 декември 2023 година, за да обезбеди дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија даде дозвола за прелет на Специјалната авијацииска единица „Русија“ преку воздушниот простор на Република Бугарија да изврши лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум”, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Дадената дозвола се однесува на учество на состанокот на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје, на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него.