Вчера, 28 ноември, Комората за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија додели сертификати за ВЕРИФИКУВАН МАКЕДОНСКИ ИКТ ПРОИЗВОД на 15 македонски ИКТ компании за да се поттикнат да развиваат сопствени производи трансформација на процесите не само на приватниот сектор, туку и во државните институции.
Компаниите добитници се:
- Серафимов Груп за производот E-Billing,
- EдКом за производот CMT Pick and Place,
- Сорсикс за производот Pinga,
- Mегасофт Плус за производот МегаплусКомунал
- Глобал Нет за производот Polaris,
- Даталаб МК за производот Pantheon,
- ММ Дисоски за производот Мobi Promo,
- Компјунет инженеринг за производот Ка-Софт Плус,
- БИС за производот Next Solution ERP,
- Кабтел Груп за производот RFID & ERP Integration,
- Кодекс компјутери за производот CxOmniBus,
- Таргет Груп за производот БизнисМрежа.мк,
- Oптимум Креатив Солушнс за производот DBI,
- Тренд Ком за производот ТК извршителска канцеларија и
- Сигма СБ за производот Деловен систем ССВ
Настанот го отвори г-дин Трајан Ангелоски, Претседател на Сојузот на Стопански комори кој во континуитет работи на создавање подобра бизнис клима за компаниите преку интензивирање на соработката со надлежните институции, како и унапредување и продлабочување на соработката со релевантни меѓународни институции и организации.
Гостите беа поздравени и од страна на проф. д-р Аце Миленкоски, Ректор на Универзитетот во Скопје кој години наназад едуцира кадри неопходни за новите научни и професионални барања на општеството и на бизнис-заедницата.
Свое обраќање на доделувањето на сертификати за ВЕРИФИКУВАН МАКЕДОНСКИ ИКТ ПРОИЗВОД имаше и министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Азир Алиу кој воедно е дипломиран инженер по електротехника и доктор по информатички науки и говореше за развојот и промоцијата на информатичкото општество, креирањето и водењето на регистар на информационите и комуникациските системи и информатичката опрема во рамките на органите на државната управа, интегрираната информатичка и комуникациска мрежа, базите на податоци, меѓусебното поврзување и размена на информациите, безбедносните аспекти и развојот на инфраструктурата на државните органи, правните и другите лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и следењето на состојбите со информациските и телекомуникациските технологии и воведување на меѓународни стандарди.
Поздравни обраќања имаа и проф. д-р Нина Најденова Петкова од Универзитетот за телекомуникации и пошти во Софија, во своето обраќање се поттенцираше можноста за соработка на научната фела и бизнис секторот и важноста на имплементација на дигитализација и проф. д-р Мирко Спироски, основач и директор на Научната фондација Спироски чиј научен интерес е имунологија, но работел и во полето на молекулска антропологија и хумана генетикана на настанот, ја преттстави можноста за дарителски регистар за матични клетки и важноста да се зачлениме и помогнеме да спасиме нечиј живот.
Проф. Д-р Орце Симов, како претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија, им честиташе на македонските компании за квалитетот на нивните производи, исполнување на високите стандарди и креирањето на уникатни производи кои им нудат конкурентност на домашниот и на глобалниот пазар. Главната цел поради која се одлучивме да го организираме овој настан е препознавање и сертифицирање на македонските ИТ производи кои се доказ за посветеноста на компаниите што работат на развој на сопствени производи и услуги со високо додадена вредност, работат на дигитална трансформација на македонските институции и компаниии и се архитекти на напредокот, поставувајќи ја основата за иднината каде иновациите немаат граници, истакна г-дин Симов.
Компаниите на кои им беше доделен сертификати за ВЕРИФИКУВАН МАКЕДОНСКИ ИКТ ПРОИЗВОД имаа можност да го претстават својот производот, а настанот беше заокружен со вмрежување на претставници од присутните компании, размена на идеи и неформална дискусија за можностите за соработка и креирање на нови, иновативни и високопрофитабилни производи и услуги.