ЕУ најави пакет од 560 милиони евра финансиска помош за клучен железнички проект

Сподели

 

  • Во рамките на иницијативата Глобална порта, ЕУ најави пакет од 560 милиони евра финансиска и техничка поддршка за овој клучен железнички проект во Северна Македонија;
  • Со средствата ќе се поддржи изградбата на 24 километри железничката пруга и нејзина електрификацијата од 88 километри долж Коридорот 8;
  • Како дел од Тимот Европа, проектот ќе ја подобри поврзаноста во регионот и ЕУ, придонесувајќи за побрз економски развој.

Заедно со Владата на Северна Македонија, Европската Унија (ЕУ), нејзината банка – Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), најавија финансиски аранжман на Тимот Европа во вредност од 560 милиони евра, за третата фаза од источниот дел на железничката мрежа на Коридорот 8. Обезбеден според иницијативата Глобална порта, средствата ќе овозможат изградба на 24 километри железничка пруга помеѓу Крива Паланка и границата со Бугарија, и електрификација на 88 километри од Куманово до границата. По завршувањето, новата железничка линија ќе го олесни транспортот на околу 500.000 тони стока и 500.000 патници годишно, придонесувајќи за подобра поврзаност, климатска отпорност и социо-економски развој на Северна Македонија и регионот.

За овој клучен железнички дел, финансискиот пакет на Тимот Европа се состои од заем од 175 милиони евра од ЕИБ Глобално (огранок на ЕИБ за активности надвор од ЕУ), заем од 175 милиони евра од ЕБОР, кои се надополнети со 150 милиони евра грант од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и до 60 милиони евра грант од ИПА (Инструментот за предпристапна помош). Проектот има и ќе продолжи да има корист од техничката поддршка на ЕУ и ЕИБ, како и од програмата ЈАСПЕРС за подготовка, тендерирање и имплементација.

Киријакос Какурис, Подпретседателот на ЕИБ, одговорен за операциите во Северна Македонија, изјави: „Горди сме што дејствуваме како водечка финансиска институција за овој проект кој го вклучува досега најголемиот грант од ЕУ доделен за Северна Македонија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Ова е добар пример за разновидната финансиска и техничка поддршка која ја дава банката. Овој значаен финансиски пакет подготвен за овој проект, покажува дека со цврста посветеност и партнерства, преку пристапот на Тимот Европа, можеме да ги унапредиме виталните инфраструктурни проекти кои носат реални придобивки за регионалните економии и луѓе. Новата железничка линија ќе ги забрза реформите на земјата во железничкиот сектор, ќе ја олесни пошироката регионална интеграција и ќе и овозможи на Северна Македонија да има дополнителна корист од претстојните иницијативи на Европската комисија, како што е новиот План за раст. Конечно, ќе придонесе за еколошки поодржлив транспортен систем во Северна Македонија, кој треба да овозможи постепено префрлање на транспортот од патиштата кон железницата, во согласност со климатските аспирации на ЕУ и земјата“.

Првиот Подпретседател на ЕБОР, Јирген Ригтеринк рече: „Воодушевени сме што уште еднаш ќе соработуваме со ЕИБ и ЕУ на значаен проект за железничка инфраструктура во регионот. Ова ја означува последната фаза од источниот сегмент на железничкиот коридор 8, клучен дел од Основната мрежа на ЕУ ТЕН-Т. Овој дел ќе поврзе два постоечки делови финансирани од ЕБОР кои моментално се во изградба. По завршувањето, ефикасно ќе го олесни меѓународниот проток на стоки и луѓе, намалувајќи го железничкото растојание до Црното Море и Турција за приближно 200 километри. Проектот има за цел да го рационализира сообраќајот, да ја подобри безбедноста и да обезбеди сигурност како за патниците така и за стоката, поттикнувајќи ги деловниот раст и можностите за развој, долж железничката линија и во близина на станиците. Исто така, ќе придонесе за подобрување на еколошките услови во околните заедници, населби и региони.“

Министерот за финансии Фатмир Бесими се заблагодари на ЕУ, ЕИБ и ЕБОР за дадената поддршка со што ќе се овозможи да се заврши овој децениски проект.

„Средствата обезбедени од Владата преку ЕИБ, ЕБОР и доделениот грант од ЕУ, се навистина од клучно значење за завршување на овој проект, започнат пред многу години. Со негова имплементација ќе се овозможи да ја подобриме железничката инфраструктура, да создадеме подобри услови за работа на компаниите, полесен транспорт на стоки и превоз на патници, како и поттикнување на развојот. Овој проект е дел од најавениот инвестициски циклус кој ќе се реализира во наредниот период преку јавниот сектор и тој ќе биде и моторот на економскиот раст“, рече министерот Бесими.

Како дел од стратешката Транс-европска транспортна мрежа, изградбата на нова железничка делница на железничкиот Коридор 8, ќе овозможи директен проток на сообраќај помеѓу Софија и Скопје, намалување на трошоците за работа на возилата, сообраќајниот метеж и загадувањето, истовремено подобрувајќи ја и безбедноста. Ова ќе ја зголеме атрактивност на регионалниот железнички систем и неговата конкурентност за сообраќај на стоки и патници на подолги растојанија. 

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна: „Европската унија ја поддржува Република Северна Македонија во процесот на развивање на функционален и модерен железнички систем, кој ќе обезбеди подобра поврзаност, квалитет на живеење и ќе ги зголеми можностите за економски развој за граѓаните. Интегрирањето на железницата во транспортната мрежа на земјата е еден од приоритетите на ЕУ за обезбедување успешни, енергетско ефикасни и еколошки начини за движење на луѓе и стока низ европскиот континент.”

Во текот на последните 10 години, ЕИБ го поддржа железничкиот сектор на глобално ниво со инвестиции од повеќе од 39 милијарди евра, помагајќи да се изградат или надградат речиси 2,000 километри пруги и стотици станици. Во Западен Балкан, ЕИБ Глобално е водечки финансиер на стратешките железнички линии кој доделува техничка и советодавна помош. До денес, банката има инвестирано над 1,6 милијарди евра во железничкиот сектор, поддржувајќи ја регионалната соработка и поврзаност.

ЕБОР е клучниот стратешки партнер на земјите од Западен Балкан кој ги поддржува напори за обнова на железницата и промовирање на преминот од патишта кон железница, како позелен начин на транспорт. Банката обезбедува финансии и сеопфатна поддршка за политиките насочени, кон подобрување на владеењето и управувањето со националните железнички компании. До денес, банката има доделено над 1,6 милијарди евра на земјите од Западен Балкан за финансирање инвестиции во железничкиот сектор.