Холандски филм со мотиви од Охрид од периодот меѓу двете светски војни

Сподели

 

Во Кинотека во четврток (28 декември), со почеток во 20 часот ќе се одржи последната официјална филмска проекција за годинава.

Љубителите на филмската уметност ќе може да проследат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годинава што изминува. Кинотеката годинава оствари соработка со: реномираниот Филмски музеј „Ај“ од Амстердам, Холандија; Кинотеката на регионот Савоја од Франција; Компанијата „Филмске новости“ од Белград, Србија; Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица.

Меѓу филмовите што се прибрани од Филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам се: деветминутниот нем филм „Балканска војна“, петнаесетминутниот црно-бел филм „Пулсот на Југославија“ од кој ќе биде прикажан само делот што се однесува на Македонија и кој е одвоен со напис кој гласи: „Во срцето на Балканот“, како и осумнаесетминутниот црно-бел филм „Од Листерфилд до Охридското Езеро – Увид во народниот живот во Јужна Србија“ снимен во периодот меѓу двете светски војни, кој е целосно посветен на Македонија. Во филмот е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период, како: ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во селото Бардовци, градот Скопје, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, ромски танци, манастирот „Св. Наум Охридски“, снимки од Охридското Езеро, Охридската чаршија, специфичната охридска архитектура, старите рибарски чунови, жетва на жито, ниви со афион, девојки облечени во народни носии придружени со музиката од песната „Билјана платно белеше“ и др.  

Инаку, повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.