„Секој заслужува да има пристојни услови за живот во своето место на живеење. И покрај тоа што, менаџирањето на општините е во рацете на градоначалниците, Владата и јас како премиер, се погриживме подеднакво да вложиме средства во сите општини низ државата и да обезбедиме рамномерен регионален развој. За нас нема помалку важни и повеќе важни општини, поголеми или помали. Не ни е важно од која партија е градоначалникот, важни ни се потребите на граѓаните, тоа треба да биде заедничка цел на сите. Граѓаните се поважни од политичките партии, интересите и потребите на образованието, здравството, инфраструктурата, културата се најважни“, порача премиерот Димитар Ковачевски, на собраниската седница за пратенички прашања.
Премиерот Ковачевски се осврна на владината одлука за прераспределба на 32,5 милиони евра за проекти од локален интерес за 44 општини, каде ќе се реализираат проекти за подобри патишта, училишта, градинки, спортски и културни објекти, здравствени установи и друго.
„Оваа финансиска поддршка е обезбедена и е резултат на доброто управување со средствата собрани во Буџетот, и континуитет на досегашната поддршка на оваа Влада што изминатите години ја дава за општините. Тоа се пари од граѓаните за граѓаните, за подобро образование, подобро здравство, подобра инфраструктура, едноставно за подобар живот. Пренаменети се средства од буџетите на министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт“, посочи премиерот Ковачевски, при што нагласи дека со поддршката, Владата покажува дека не ги дели граѓаните и општините на про-владини или про-опозициони бидејќи сите имаат исти потреби и исти очекувања.
Премиерот Ковачевски ја спомена и поддршката на општините преку ИПАРД и преку ТАВ програмата, како и по други основи.
„Преку вложувањето во општините, го подобруваме животниот стандард, обезбедуваме рамномерен регионален развој, ја развиваме економијата. Граѓаните заслужуваат европски услови и ние имаме обврска да им ги обезбедиме“, истакна премиерот Ковачевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.