Александар Георгиевски: Оваа година научив да се сакам самиот себеси

Сподели

 

Комичарот Александар Георгиевски или “G Vision” како што го знаат фановите, изминатиот период ја освои публиката со своите настапи во живо но, и со видеата на неговиот профил на Инстаграм и Тик Ток

Која е твојата најубава Нова Година досега?

– Мојата најубава Нова Година ја памтам во една сива, студена, маглива Битола, изнајмен простор и собрани другари и другарки каде се смешавме повеќе друштва за да можеме да изнајмите простор и да ни’ дојде да го платиме евтино. Тука запознав врсничка од друго училиште и ми стана симпатија. Една обична ноќ во мал простор со столици, ладно, со по некоја чашка сок и чипс, пици беше толку едноставна, а мене ми беше изгледаше толку магично. Дали поради пеперутките во стомакот од што бев заљубен или дека сеуште бев мал и многу работи ми беа неизживеани не знам, ама сакам да се вратат тие времиња…

Кој тие омилен подарок за Нова Година?

-Вниманието. Многу ме прави среќен кога некој ќе ми посвети внимание, ќе се сети да ми прати честитка за Нова Година, ќе ми се јави… Материјалното доаѓа и си бега, љубовта е таа енергија која не исчезнува туку преминува од еден во друг вид и кружи околу нас.

Изминатата година се појави на сцената, направи вирални видеа на социјалните мрежи и ја сврти Македонија со настапи. Како ја оценуваш и како си задоволен од изминатата година?

-На професионален план сум презадоволен со оглед дека ова беше моја прва година во стенд ап кариерата. Беше година со подеми и падови, успеси и грешки. Секогаш може подобро, ама во секој случај би ја оценил со висока оценка, битно е од некаде да се почне, битно е да се учи од грешките. Мојата професорка по хуманистичка филозофија викаше “Ако некогаш паднеш, гледај да паднеш и да се тркалаш напред”, така да заедно со успесите и со поуките одиме напред…

Какви се твоите очекувања во 2024-та на професионален план?

– 2024-та ќе биде година на стенд ап сцената во Македонија. Ова не се оптимистички туку објективни мои очекувања. Изминатава година се случија големи стенд ап настани, најголемата турнеја досега која ја направи Бојан Велевски, се појавивме нови комичари, се вратија дел од старите кои не беа активни, моите колеги завршија голема работа изминатата година па мислам дека во 2024-та ќе ги жнееме и береме плодовите кои се резултат на она што го садевме и работевме во 2023-та… Така да јас се надевам само дека ќе се вклопам и ќе пливам во ист правец со овој бран кој доаѓа во новата година и ќе ме турка бранот нанапред . Нормално, не се надевам само на бранот, тука е и мојата работа и идеи кои ги планирам…

Што научи оваа година ?

-Оваа година научив да се сакам самиот себеси и да си се ставам во центарот на вниманието. Можеби звучи себично ама јас го толкувам прашањето од моја гледна точка. Научив дека самиот себеси си сум доволен… Не сум затворен за луѓе, тие што ме знаат, знаат дека секој ден сум на кафе, вечер на забава, дека комуницирам со сите. Но денес гледам се што правам да биде по моја желба и во мој интерес. Порано знаев да ставам често слики на социјални мрежи, да се спремам и дотерувам за на другите да им се допаднам, да излегувам за да бидам од другите виден и очекував дека сите ќе се восхитат ако се покажам во добро светло. Потоа сфатив дека на никој не му е за никој гајле, секој си го гледа својот живот и своите проблеми. Оние животи кои ги водиме на социјалните мрежи и во вистинскиот живот се два различни универзуми. Така да се што правам правам за да ми е мене добро, се дотерувам за да си се допаднам самиот себеси, работам за самиот себеси, учам за самиот себеси. Гледам што повеќе да зависат работите од мене кога се работи за мене. Гледам да сум што е можно самостоен и независен од надворешни фактури. Ако ти е досадно кога си сам значи дека си во лошо друштво.