Уапсени сите осомничени за упадот во М-НАВ

Сподели

 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека се лишени од слобода сите осум лица за упадот во М-НАВ на 4 јануари.

„Освен петте лица за кои претходно информиравме, беше поднесен предлог за определување мерка притвор за уште три лица. За двајца осомничени, судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор, на која обвинителството веќе вложи жалба, додека за третиот осомничен се очекува одлуката на Судот по предлогот на надлежниот обвинител“, соопштуваат од Обвинителството.

По упадот во М-НАВ беа приведени четири лица меѓу кои и советникот на директорот на М-НАВ, Беким Незири на кои судот им одреди мерки на претпазливост, но по жалбата од Обвинителството, Кривичниот совет ги преименува во мерка куќен притвор. Петтоосомничениот беше приведен подоцна и нему му е определен 30-дневен притвор.

„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Скопје против решение на судија на претходна постапка со кое на 12.01.2024 година на Љ.Ќ. за кој постои основано сомнение дека учествувал во настаните во М-НАВ, му определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка за претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, донесе решение со кое жалбата на јавниот обвинител се уважува и на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена“, соопштија попладнево од Кривичниот суд.