Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, даде изјава пред почетокот на Лидерскиот состанок посветен на Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, а на којшто присуствуваат лидерите од регионот, како и високи претставници на ЕУ, САД и на меѓународните финансиски партнери.
Денес ми е голема чест и задоволство што како претседател на Владата и како држава Северна Македонија сме домаќини на овој исклучително значаен состанок, на лидерите од земјите од Западен Балкан, заедно со високи претставници на САД, од ЕУ.
Тука е присутен помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија г. О’ Брајан заедно со претставници на ЕУ, директорот за проширување, Копман и претставникот на БОРЕЛ, г. Маковец како и претставниците на меѓународните институции и финансиски и трговски, Европска Банка, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и.т.н.
Целта е како што најавивме, да разговараме за планот за раст на Западен Балкан кој претставува конкретна акција на ЕУ, во делот на зголемување на регионалната соработка меѓу државите, но и вклучување во заедничкиот европски пазар.
Разговорите започнаа вчера со заедничка вечера на лидерите. Претседателката на Советот на министри на БиХ заради друг состанок на високо ниво во Сараево ќе биде присутна на видео- конференциска врска. Сите други лидери се присутни денес во Скопје.
Ќе усвоиме заедничка декларација која ќе претставува заложба на спроведување на активностите кои што претставуваа прво реформи во нашите држави, второ зголемена заедничка соработка и трето спроведување на активностите од Планот за раст кој ќе донесе и реформи и поврзување и ќе донесе финансиски инструменти во висина од 6 милијарди евра, 2 милијарди во грантови и 4 милијарди во поволно кредити кои ќе ги гарантира ЕУ.
Веќе разговараме и за конкретни активности, тоа е вклучување во СЕПА односно укинување на голем број на нетарифни бариери, воведување на зелени линии меѓу државите се со цел зголемување на трговијата, намалување на трговските бариери, зголемување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и нивно побрзо вклучување во заедничкиот европски пазар, пред формалното вклучување на државите во ЕУ.
Сакам да се заблагодарам уште еднаш. Во текот на денот ќе имаме и прес- конференција заедно со сите лидери, бидејќи наскоро започнува состанокот на кој ќе бидат присутни како претставниците на меѓународните финансиски институции така и сите други лидери на земјите од Западен Балкан и претставниците на САД и ЕУ.“