На својата конститутивна седница, жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.
Жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на жирито), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), констатираше дека се пристигнати дела од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело нема да биде воопшто лесен.
Жири-комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Името на добитникот треба да биде објавено до 15 март.
Наградата „Роман на годината“, која е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава ќе биде доделена по јубилеен 25-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуета и паричен износ од 150 000 денари.