Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија што се одржа вчеравечер во Филхармонија ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за РС Македонија.
“Да ги почитуваме и соодветно вреднуваме овие наши национални величини, бидејќи тоа е начинот да покажеме дека се почитуваме себеси и дека ја сакаме својата земја. Македонија не сме ние политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници”, порача претседателот Пендаровски.
Бедија Беговска е одликувана за значајната, плодна и интернационална кариера како една од најпознатите театарски и филмски актерки, која со својата театарска прецизност и моќна интерпретација прерасна во една од водечките актерки, не само во Македонија, туку и пошироко.
Благоја Чоревски е одликуван за извонредната актерска игра со која има обезбедено почесно место во пантеонот на македонскиот театар воопшто, актер со моќна трансформација и со вештина за импровизација, актер во кој истовремено се судираат трагичното и смешното, комичното и драмското.
Ѓокица Лукаревски е одликуван за извонредната четиридецениска актерска кариера во македонскиот театар. Доајен на македонското актерство, со неверојатна моќ на трансформација и интерпретација на различни ликови, од сериозни до комични, со што го покажа својот непроценлив актерски талент.
Оливера Николова е меѓу најзначајните македонски прозаистки чиешто творештво се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост и со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Николова стои на самиот врв на современата македонска книжевност чиишто дела ќе одѕвонуваат и во иднина.
Рефет Абази е еден од најзначајните и најкомплексните актери од средната генерација, но, воедно, и исклучителен писател и плоден педагог, како и професор по актерско мајсторство. Се одликува за огромниот спектар на актерски остварувања коишто се одликуваат со темелен, аналитички и методолошки пристап.
Ристо Вртев се одликува за непроценливото и за трајното значење во современата македонска култура и уметност. Тој е творец на македонската музичка авангарда и еден од креаторите на новиот, храбар и алтернативен бран на македонската музичка сцена, којшто остава маркантно влијание и на просторите на поранешна Југославија, во чии рамки е највисоко рангиран.
Слободан Унковски се одликува за огромното, уникатното и светското значење во современиот театар. Неговото име е впишано длабоко, не само во националната, туку и во светската историја на театарот, неговите дела претставуваат пресвртница во творештвото на поединечни уметници, но и на театрите воопшто.