Поранешниот директор на Клиника за онкологија и радиотерапија, како и двајца вработени, од кои една медицинска сестра, денеска биле приведени во врска со скандалот на Онкологија, кој се однесува на наводни злоупотреби од страна на вработени на клиниката со скапата имунолошка терапија со цитостатици за пациентите болни од рак.
Ова денеска за медиумите го потврди организацискиот директор на клиниката Халид Матоши, откако претходно од Обвинителството кратко соопштија дека се преземаат дејствија за овој случај по наредба на јавен обвинител, а по информациите во медиумите дека се вршат претреси на повеќе локации.
„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот“, изјави Матоши.
Директорката на Онкологија пак, Виолета Клисарова, изјави дека и покрај ова, Клиниката денеска функционира нормално и сите закажани терапии течат тековно.
„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, изјави Клисарова.