Грчки документи за историјата на Османлиска Македонија-ново издание на Државниот архив

Сподели

 

Државниот архив ја насочува издавачката дејност кон поддршка на дела кои со својата содржина отвораат нови научноистражувачки предизвици за истражувачите и историчарите.

Меѓу последните изданија на Државниот архив кое неодамна беше публикувано е делото „Грчки документи за историјата на османлиска Македонија  (крај на XIX и почеток на XX век)“ од проф. д-р Димитар Љоровски. Овој зборник на документи претставува дополнување на широкиот спектар објавена странска документација преведена на македонски јазик за историјата на Македонија.

Читателите преку собраните 121 документ во зборникот ќе имаат можност да се запознаат со сложениот мозаик на општествено-економските, социјално-политичките, религиозно-образовните односи кои во посочениот период постоеле во Османлиската Империја, вклучувајќи ја и османлиска Македонија. Мноштвото извештаи на грчките дипломати и национални претставници пренесени во зборникот говорат дека кај македонското население преовладувале свеста за религиозната припадност, чувството за локален идентитет и приврзаноста кон домот и семејството. Неодминливо, во делото се среќаваат податоци и за организираните пропаганди на соседните држави кон османлиска Македонија.

Документите потекнуваат од архивот на грчкото Министерство за надворешни работи, потоа од Државниот архив на Грција, од грчки музеи и библиотеки, поради тоа зборникот со својата научна вредност заслужува да биде дел од библиотеките на истражувачите и љубителите на историјата.