НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид со богата програма во чест на Прличев

Сподели

 

Во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид утре (6 февруари) во 13 часот ќе биде одбележана 130-годишнината од објавувањето на неговата книга „Автобиографија“.

Охридската визита ќе започне со изведбата на „1762 лето“ во инструментална изведба на КУД „Ѓердан од бисери“, а извадоци од Прличевата „Автобиографија“ ќе чита Даријан Ангелоски.

Беседа за Прличев, под наслов: „Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање“, ќе одржи професор д-р Елизабета Шелева, по што ќе следува прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024 година, која годинава ѝ припадна на Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, по потекло од Охрид.

Свое обраќање на Визитата ќе има и директорот на Библиотеката, м-р Милчо Јованоски, кој пред присутните ќе направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот.

Охридската визита, во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“,  финансиски е поддржана од Министерството за култура и од Општина Охрид.