Еден хуман свештеник бил собрал неколку пари со цел да и помогне на една стара изнемошна и болна старица, која освен своите лични маки, морала да се погрижи и за нејзините мали внучиња близнаци на кои им починала мајката одма по породувањето. Нејзиниот син, односно нивниот татко исчезнал од домот и си водел непознат живот. Свештеникот ги ставил парите во плико, каде што пишувало името на старицата и планирал утредента да и ги носи. Но, таа вечер, во неговата соба насилно упаднал провалник со оружје и му ги земал сите пари. “Немој синко” – му рекол свештеникот – “Господ е голем”. “А мојот џеп е уште поголем” – цинично возвратил провалникот! По пат крадецот земал да ги брои парите, но се запрепастил кога прочитал за кого се наменети тие пари!!! Срцето почна да го стега, чувствувал силна болка во градите, солзите незапирливо му течеа. Беа тоа пари наменети за неговата мајка и неговите деца, напуштени од него. Почна со сиот глас да плаче, да урлика, да се удира по главата и да ја корне косата. „Мили Боже – кажа во себе – земи ми ја душата и носи ми ја во пеколот. Премногу гревови и злочини“. Се врати кај свештеникот видно потресен и низ плач му ги врати парите. Му го дал оружјето и го замолил да го испука. Свештеникот со тивок глас му возвратил – „Божје чедо, ти штотуку го испука ѓаволот. Господ е голем“!
Но, за нас со толку мали мозочиња, ништо немало големо, па ниту Господ. Бројни луѓе, толерирале, поддржувале или учестувале во масовни грабежи, иако знаеле дека тоа им го праваат на нивните мајки, на нивните деца или внуци, на нивните роднини и пријатели и на целиот сирот народ!? Со години се направени гревови и злочини на пирамидален начин. Тие на врвот милијарди, а оние доле некоја платичка, вработувања, социјална, дури само вреќа брашно! Бројни луѓе за ситни нешта ги продадоа нивните ситни души, иако знаеле дека со тоа уништуваат иднини и судбини, дури и на нивните потомци.
За грабежот замижале, молчеле, дури и учествувале и верски водачи кои зад црните стакла го загубеле својот бел образ. Со години Господ го претвориле во смоквин лист за покривање на владини и нивни срамни и криминални работи. Дење пееле божји песни, а ноќе спиеле со ѓаволот. И конечно во тони да истопиме такви верски претставници, тешко дека ќе добиеме грам Господ и морал. Нивната улога била да ги убедуваат верници дека токму пеколот е вистинскиот рај. Да им кажат дека повеќе треба да ги почитуваат овдешните лажни богови, отколку вистинскиот Бог. А ние тешко сфаќавме дека ѓаволот не доаѓа кај нас со страшни заби и оштри рогови, туку со се`што ни душа посакува.
На општата хаварија и грабеж кумувале судии, обвинители, меница-пратеници, државни функционери, медиуми, а и судии на Уставен суд. Сите тие треба да одговараат за тешки дела. Кумувале и интелектуалци што добивале тезги. Кумувале на перење милјарди евра наши пари по Белизе, Салвадор, Кипар. Но, веќе перените пари, тендерите, раскошените вили, големите хациенди, црните сметки и сите злоупотреби добиваат уста.
Сега секој што поседува елементарна интелигенција се запрашува – зошто од лидер во регионот стасавме до друштво на десет најсиромашни држави на светот!? Зошто толку многу ни е влошена живеачката!? Оти толкав хаос во образованието, здравството, културата!? Зошто и при една обична поплава ништо не функционира освен телефонот на Груевски кој е доказ на тоа!? Кој земал пари за да исчисти канали, а тоа не го правел заработувајќи црни пари, завиејќи фамилии во црно!? Зошто земјата се води од подземјето!? Зошто ја испразнија државата од млади луѓе од размери на геноцид!? Зошто на секој чекор наместо весели насмевки гледаме тага!? Зошто власта цело време ги „напаѓаше“ Грците, а најголемиот црн бизнис го правеше со нив!? И многу други – зошто?!
Крај на Груевски и Ахмети
Сега секому му е јасно дека тоа што власта го нарекувала голем успех, впрочем ти била голема несреќа. Обединиот фронт, на секому треба да објасни дека битката со името со Грците беше добиена со американското признание на тоа име. Ама, власта намерно испровоцирала со Антиката за да го прекине евроатлантскиот пат кој му бил пречка на грабежот, организираниот криминал и диктатурата. Но, и да пере пари со „Скопје 2014“. Сето тоа власта го покривала со лажен патриотизам кој служел како магла за да не се гледа колежот на овците од лоши волци, но и со етикетирања и сатанизации (домашни предавници, странските служби, мрачните сили). Така на вешт и нечесен начин уловиле многу чесни луѓе, кои сега гледаат дека со години сме живееле под нечесен режим кој со нас споделувал сé освен вистината, правдата и парите. Не водеа луѓе со совест набавена на црн пазар. И затоа чуствуваме општа празнина, оти празно не воделе празни души со празни глави, празен морал и полни џепови.
Оттука, веќе не се поставува прашањето кој ги добива изборите, туку како да ја поразиме власта на Груевски и Ахмети, за да се спасиме биолошки, индивидуално и колективно! Тоа нема да биде ничија партиска победа, туку наша човечка победа. Наш животен спас. И потоа секој пред вистинската правда. Ние мора да бидеме спремни и за најлошото ако пак ги крадат изборите. При тоа што и да се случи, тоа ќе биде многу помала цена од нивното понатамошно останување на власт. Не треба да чекаме првин реката да осуши за да ја поминеме. Никој не треба да се плаши, оти плашливецот не игра важна улога ниту во сопствениот живот. Треба да знаеме дека можниот договор на странците со Груевски и Ахмети не значи голема гаранција, оти ваквиот ментален код не познава договор, реалност и рационалност. Можно е власта сé да направи за да се одложат изборите. Таа можно да заигра со укинување на СЈО со помош на поддржувачите на криминалот во Уставниот суд, со што ќе парализира секакво обвинение против челниците на власта, но тука треба жестоко да возвраќаме.
Фазите на заздравувањето
Спасувањето и опоравувањето треба да се одвива на три фази. Првата фаза е формирањето на заедничкиот фронт без оглед на етничка, социјална и верска припадност или идеолошка провиниенција, со цел да се спасиме од човечка катастрофа. Втората фаза е поразувањето на власта по секоја цена. Таа е поплава која трае десетина години. Тука секој индиферентен е на страната на злото. Секој разумен човек мора да има свој прилог во поразот на Груевски и Ахмети и тоа треба јавно да го кажеме. Потоа ќе биде потребно голем труд за обновување на земјата, вклучувајќи го и организирањето на една донаторска конференција оти сме пред банкрот. Исто така, тука треба да се погребува партизацијата на институциите. Треба итно да се сменат бројни закони (и кривични) за конечно професионалноста да биде единствен критериум за работа и напредок.Третата фаза е подготвувањето на наредните нормални и слободни избори, кога секој ќе може да настапи со своја идеолошка понуда.
Оваа добро го знаат сите мегамафијаши и затоа бројни од нив веќе купиле куќи по Москва и околината. Играчите на гебелсистичките медиуми веќе имаат испланиран бег од државата. Но, тешко дека Русија која сега има интерес да ги подобрува односите со Западот поради економскиот колапс, ќе им даде заштита и на нашите криминалци. Напротив, тие можат да служат само како политичка трампа за руски интереси.
По спасот, многумина што чесно ја поддржувале власта во заминување, срцето ќе ги стега, солзите незапирливо ќе им течат, ќе се удираат по главата и ќе ја корнаат косата. Ќе разберат дека целата антика ја правеле само поради Тројанскиот коњ. Ќе плачаат како тоа прогласиле за Бог лица кои не заслужиле да бидат ниту луѓе. Но, сепак Господ е голем!