Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран и сериозен криминал и корупција, поднесе кривична пријава против К.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 и против Г.Б. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање на сторител по извршување кривично дело“ по член 365 од Кривичниот законик. Првопријавениот К.М., полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Ќафасан, на 04.01.2023 од тројца државјани на Република Албанија примил пари за да не изврши службено дејствие. Додека, второпријавениот Г.Б., полициски службеник во истата полициска станица, дејствијата извршени од првопријавениот ги сокрил, односно му помогнал да не биде откриен. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за двајцата полициски службеници ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Т.К.(49) од Скопје и С.К.(56) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. Пријавената Т.К., вработена во основно училиште во с.Драчево, скопско и пријавената С.К., вработена во Општа болница Дебар, набавиле лажни меѓународни сертификати за познавање на англиски јазик, издадени од училиште за јазици од Република Бугарија. Т.К. го употребила сертификатот при аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во с.Драчево, по што со решение на градоначалникот на општина Кисела Вода била именувана за директор во училиштето. На сличен начин, С.К. го употребила сертификатот за познавање англиски јазик при аплицирање на конкурс за именување директор на ЈЗУ Општа болница Дебар, по што од министерот за здравство била именувана за вршител на должноста – директор на ЈЗУ Општа болница Дебар.
На 13.02.2024 во 20.40 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го привеле Т.В.(66) од Охрид. Тој бил затекнат при извршување кражба од објект во изградба на улица „Кленоец“ во Охрид, при што одзел повеќе предмети. Одземеното било пронајдено и ќе биде вратено на сопственикот. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.02.2024 во 00.10 часот на улица „11 Октомври“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Н.Г.(38) од Кичево затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Ц.(28) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. При претрес, извршен во неговиот дом, полициските службеници пронајдоа и одзедоа марихуана и предмети со остатоци од кокаин.
На 13.02.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 14 прекршоци од кои, 4 надвор од населено место и 10 во населено место.
Санкционирани биле и 17 други видови на прекршоци.
На 13.2.2024 во 15.00 часот на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го лишиле од слобода Е.Џ.(20) од Штип затоа што физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија. Лицето било задржано во Полициското одделение Петровец за понатамошна постапка.
На 13.02.2024 во 07.20 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода П.К.(25) и Р.А.(25), двајцата од Скопје, затоа што физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Претходно, на подрачјето на Карпош, по недоразбирање во сообраќајот, тие со уште едно лице физички го нападнале А.К.(34) од Скопје. Тие биле задржани во Полициската станица Карпош и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 13.02.2024 во 21.20 часот во СВР Скопје, С.А.(51) од с.Марино, општина Илинден, пријавил дека на бензинска пумпа во с.Кадино, општина Илинден, поради нерасчистени должничко – доверителски односи, бил физички нападнат од Д.М. од с.Инџиково, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 13.02.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје, М.С.(25) од скопско пријавила дека била физички нападната од З.Н., братучед на нејзиниот сопруг, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 13.02.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје, С.Д.(57) од Скопје пријавил дека околу 11.15 часот на подрачјето на Центар во Скопје, по претходно нарушени меѓусоседски односи, бил физички нападнат од Д.Г.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 13.02.2024 во 11.40 во СВР Скопје, М.Г.(42) од Скопје пријавил дека во ходник на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 13.02.2024 во 15.30 часот во СВР Скопје, Р.Р.(43) од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Чаир во Скопје, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од три малолетнички. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 13.02.2024 во 16.35 часот во СВР Скопје, В.М.(71) од Скопје пријавил дека на 12.02.2024 околу 19.00 часот на подрачјето на Чаир во Скопје, бил физички нападнат од негова снаа и внука. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 13.02.2024 во 17.15 часот во Полициската станица Велес, Б.К.(80) од Велес пријавил дека на улица „Борис Трајковски“ во Велес бил каснат од куче скитник.
На 13.02.2024 во 21.10 часот во Полициската станица Велес, В.Д.(57) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.
На 13.02.2024 во 10.30 часот, В.Ј.(38) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево бил каснат од куче скитник. Истиот ден, М.Т.(59) пријавил дека во атар на кичевското село Бигор Доленци бил каснат од куче скитник.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.М.(66) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 04.02.2024 во с.Бигла, пријавениот физички го нападнал Н.А. и му одзел мобилен телефон.
ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против М.С.(29) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“. На 10.02.2024, полициски службеници извршиле контрола во возило, кое го управувал пријавениот, при што биле пронајдени осум мигранти од Сирија.