Коцевски одржа колегиум на републичкото Јавно обвинителство

Сподели

 

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и официјално ја презеде должноста од досегашниот вршител на функцијата, јавната обвинителка Соња Симовска.

Коцевски одржа колегиум на кој јавните обвинители во Јавното обвинителство на РС Македонија ги запозна со приоритетите од програмата за неговиот мандат и активностите за јакнење на транспарентноста и довербата во институцијата.

Со оглед на распишувањето на новиот изборен циклус, Јавното обвинителство на РС Македонија повторно ја активира Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите. За претседател на комисијата е определен јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.

Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Проактивното и превентивно делување на Јавното обвинителство поврзано со претстојните избори е во насока на приоритетно постапување за извршени изборни нерегуларности. Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите и секаде каде ќе оцени дека има индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите ќе ги известува пониските основните обвинителства со насока за итно постапување.

Јавното обвинителство на РС Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на изборите, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса – izbori@jorm.mk