Положување свежо цвеќе по повод 81 година од Холокаустот на македонските Евреи

Сподели

 

Делегации на Собранието на РС Македонија  утре (10 март) и в понеделник (11 март), ќе положат венци свежо цвеќе по повод 81 година од Холокаустот на Македонските Евреи.

По повод 81-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот на смртта „Треблинка“, пратеничките Марија Кочовска и Олга Лозановска, на 10 март во Битола, ќе положат свежо цвеќе на Споменикот на жртвите на Холокаустот од Битола (во 11 часот). Во 12 часот, пак, во овој град е предвидено положување цвеќе на Споменикот на Естреја Овадија – Мара – Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“.

Исто така на 10 март, во Штип – во 11:45 часот, пратениците Никола Мицевски и Емилија Рамбабова ќе положат венец свежо цвеќе на Споменикот на депортираните Евреи од Штип.

Следниот ден, 11 март во Скопје, собраниска Делегација, предводена од потпретседателот Горан Мисовски, во 10 часот, ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи кај поранешен скопски Монопол.

Во составот на оваа Делегација се и пратеничките Марија Георгиевска, Бети Стаменковска Трајковска и Рашела Мизрахи. Потоа, тие во 11:30 часот ќе положат венци цвеќе и на Споменикот на депортираните Евреи, односно на Споменикот на паднатите борци во НОВ, на Градските гробишта „Бутел“.