Џафери: Никогаш да не се повтори едно од најголемите зла на човештвото

Сподели

 

Претседателот на Владата Талат Џафери, се обрати на одбележувањето на 81 година од Холокаустот на македонските Евреи, на локацијата на поранешен скопски Монопол, каде за време на Втората светска војна, започнала депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор во Треблинка.

Воедно, владината делегација, предводена од премиерот Џафери, оддаде почит и положи цвеќе пред Споменикот на 7144 депортирани македонски Евреи.

 

Овој настан во Скопје е дел од тридневната Комеморативна програма 1943-2024, во организација на Еврејската заедница во државава и на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, што се реализира под слоганот „Сеќавање- 11 Март, Холокаустот на македонските Евреи“ и на истиот, покрај претставниците од еврејската заедница, присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претставници на Собранието и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

 

 

“Денешниот датум е врежан во колективната меморија со тага, горчина и огромна болка предизвикани од депортацијата на Евреите од нашата држава, во нацистичкиот логор во Треблинка, за време на фашистичката окупација во Втората светска војна. Денес, се придружуваме на гласното НЕ на демократскиот свет на којшто припаѓаме, за какви било облици на нетолеранција, антисемитизам, фашизам”, изјави Џафери.