Награда „Витез на редот Ѕвезда на Италија“ за Дита Старова-Ќерими

Сподели

 

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, е наградена со признанието Витез на редот Ѕвезда на Италија“. Ова високо одликување вчера во Чифте амам, на отворањето на изложбата посветена на италијанскиот дизајн, ѝ го врачи амбасадорот на Република Италија во нашата држава, Андреа Силвестри.

Орденот го доделува претседателот на Републиката за воспоставување и негување лични и професионални релации со Република Италија, продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог од министерот за надворешни работи.

„Ordine della Stella d’Italia“ е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

Исто така, Старова-Ќерими четирипати беше комесар на националниот павилјон на престижниот светски саем на уметноста – Венециско биенале и добитник на наградата „13 Ноември“ во 2019 година за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.