Отворена изложба на дела од МСУ во Прага

Сподели

 

Во Националната галерија во Прага, вчеравечер на 21 март, е отворена изложбата насловена: „Ниедно чувство не е конечно – Колекција на солидарноста“.

На изложбата се презентирани околу 5.500 уметнички дела, слики, скулптури и макети на познати уметници од целиот свет, кои му се подарени на Музејот на современа уметност во Скопје, по катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година.

 

 

На отворањето на оваа голема изложба на вкупната колекција на солидарноста на МСУ, зборуваа генералната директорка на Националната галерија на Прага, Алисја Кнаст, нашиот амбасадор во Чешката Република, Емил Крстески и кураторот на изложбата, Радо Ишток.

Амбасадорот, Крстески им се заблагодари на Националната галерија на Прага, на чешкото Министерство за култура и на МСУ за напорите за реализирањето на овој проект, кој минатата година беше презентиран во Кунстхале во Виена, кога се одбележа и 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Тој го истакна значењето на солидарноста и на културната соработка за севкупните односи меѓу земјите и за зближување на народите. Исто така беше потенцирано и учеството и придонесот на чешките уметници во оваа колекција на МСУ.

 

„Во тој период по катастрофалниот земјотрес, Скопје беше центар на светската солидарност, а една од главните донации беше и проектирањето и изградбата и на Музејот на современа уметност“ – нагласи Крстески, додавајќи дека културните врски со Чешката Република се на солидно ниво и дека во иднина може да се очекува реализација на нови проекти на тој план.

Изложбата „Ниедно чувство не е конечно – Колекција на солидарноста“, во Прага ќе биде отворена до 29-ти септември 2024 година.