По пауза од еден месец, денеска во големата сала на Врховниот суд продолжува судскиот процес за настаните во Диво Насеље, Куманово, од 9 и 10 мај минатата година. Денешното рочиште, како и претходните неколку, е затворено за јавност, бидејќи сè уште се сослушуваат заштитени сведоци предложени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
И денеска, како што е вообичаено за судењата на „Диво Насеље“, забележително е силно полициско обезбедување на комплексот судови, а на дел од сообраќајниците се распоредени полициски службеници со полна опрема.
Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари годинава. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.
Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.