КРОЈКА
Ќе ја украдам твојата сенка,
ќе ја облечам на себе
и ќе ја покажувам на сите.
Ќе бидеш мој начин на облекување
на сето нежно и тајно.
Па и тогаш, кога ќе дотраеш,
целата парталава, избледена
нема да те симнувам од себе,
врз мене ќе се распаднеш.
Затоа што си единствен начин
да ја покријам голотијата
на оваа детска душа,
и да не се срамам повеќе
пред растенијата и пред птиците.
На искинатите места
заедно ќе плачеме
Ќе те зашијам со ветер.
После, знам, ќе ја помешам
мојата кожа со твојата.
Не знам дали ме сфаќаш –
тоа не е проникнување,
тоа е измивање со тебе.
Љубовта е чистење со некого.
Љубовта е нечиј мирис,
сиот исткаен врз нас,
со фантазија тетовирање.
Еве, паѓа мрак
и светот станува постуден.
Ти си мој начин на топло.
Ќе те облечам на себе,
за вака накиснат
да не настинам од студот
на мојот страв, и на мојата осама.